На тема “Родовите концепти и родовото одговорно буџетирање“ ЗЕЛС организираше еднодневна онлајн обука за секретари, вработени во сектор/одделение за финансии и ПР советници од сите општини, а во рамките на проектот “Кон родово одговорни општини:зајакнување на општинските капацитети за родови политики и родово одговорен буџет“, со поддршка на UN Women, Скопје. Обуката е во рамките на ЗЕЛС Тренинг планот со цел поголема сензибилизација на вработените по хоризонтала за родовите прашања и родовото одговорно буџетирање како алатка која придонесува за утврдување на потребите на жените и мажите и алоцирање на финансии согласно направени анализи за потребите на граѓаните.
Мемет Мемети, експерт и обучувач за родова еднаквост ја претстави правната рамка по која се регулираат родовите прашања и потреби на национално и локално ниво, каква е состојбата во општините и кои алатки може да се користат за унапредување на родовата еднаквост во општините, како и надминување на предизвиците со кои се соочуваат,најчесто координаторите за еднакви можности во општините. Преку родовото дрво кое претставува сликовит приказ на состојбата со родовата еднаквост во општината од аспект на лоцирање на главниот проблем, а со тоа и причините и последиците тој го претстави начинот на кој треба да се работи во општините при креирањето на програмите и мерките во општините. Во таа насока говореше за потребата од правилно развивање на програмите и инкорпорирање на родовит аспект во нив преку претходна анализа на потребите на жените и мажите, потоа со поставување на индикатори за постигнување на поставените резултати, како и за правилно мерење на посакуваните резултатите од применетите мерки кои се внесени во општинските програми и за кои се алоцирани средства во буџетот. Во интерактивна сесија претставниците од општините преставија примери од планирањето на програмите и потребата од соработка со повеќе лица по хоризонтала во општините со цел прибирање на потребните податоци и со тоа соодветно планирање на активности и мерки.
Во вториот дел од обуката експертката Кристина Хаџи-Василева се осврна на состојбите со родовата еднаквост во општините за време на пандемијата со Ковид-19 која откри уште поголемо продлабочување на родовиот јаз во општеството. Таа ги претстави општите резултати од истражувањето направено од страна на експерти и тим на UN Women кои се однесуваат на влијанието на Ковид-19 врз начинот на работа и потребата од адаптација, потоа за мерките кои ги имаат преземено општините за намалување на влијанието од пандемијата за граѓаните, потоа на што е потрошен буџетот и колку е родово одговорен кон преземените мерки и други резултати од истражување кои водат до заклучок дека мерки и адаптации се потребни со цел правилна распределба на средствата и на трудот со цел полесно справување со пандемијата. Општините споделија свои пракси кои се однесуваат на справувањето со пандемијата, но и мерки и активности кои ги планираат за следниов период за своите граѓани од неколку категории и со различен статус, но со посебен фокус на најранливите групи. На крај, преку квиз учесниците осознаа повеќе за тоа што е родово одговорен буџет, како се планира, кои ресурси се потребни и примери како тоа може да се прави. На обуката присуствуваа околу 30 претставници од општините од секретар, кабинетски службеници, финансии, односи со јавноста и координатори за еднакви можности со надеж за продолжување на јакнење на капацитети на оваа тема и со физичко присуство во организација на ЗЕЛС.