Родовата перспектива како елемент во секоја од општинските програми води кон одговорни општински политики

ЗЕЛС во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со експертска поддршка на канцеларијата на UN Women во Скопје ја организираше втората регионална обука за претставниците од Вардарски, Источен, Југоисточен и Североисточен регион на тема “Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики“ од 17-19 октомври, 2023 година во х. Рамада, Гевгелија. Темата на обуката произлезе како барање на учесниците од минатогодишната обука за примена на демократските принципи во работата на општината преку формите на граѓанско учество. Претставниците од општините кои присуствуваа на минатогодишната обука ги продлабочија своите знаења за родовите поими и родови концепти, како да се препознаваат родовите елементи во локалните проблеми, како и како да се развиваат соодветни мерки и активности за решавање на истите. Низ презентации и вежби се зборуваше за важноста на родовата еднаквост и вклучувањето на родовата перспектива во општинските програми и буџет. Каква е состојбата со родова еднаквост на национално и светско ниво се утврдуваше преку статистичките податоци во одредени области, како образование, социјала, здравство, политичко учество, односно се спроведуваше вежбата родов барометар. Која е законската рамка за спроведување на родовата еднаквост, на кои меѓународни документи треба да се повикуваат при креирањето на локалните програми беше исто така опфатено на обуката, како и 5-те чекори за креирање на родовите политики, вклучително и алатките и методи кои им се на располагање на општините при развој на програми и планови. Преку вежбата студија на случај присутните на обуката работеа на анализа на програма со што стекнаа знаења за идентификување на целта на програмата и дали таа е родово сензитивна, кои индикатори треба да ги постават и како да се мери родовата перспектива при известувањето за реализираната програма. Од страна на ЗЕЛС им беше претставена и Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџет како алатка која е развиена за потребите на општините, а во соработка со UN Women во последната заедничка проектна активност. Беа претставени и другите алатки и активности на ЗЕЛС кои се фокусирани на остварување на родовата еднаквост и родовото одговорно буџетирање во единиците на локална самоуправа. Претставници од општини, споделија свои практики од развој и примена на мерки со родова перспектива, како што е организирање на фитнес активности на отворено за жени, пример на Општина Штип, а во соработка со локална граѓанска организација. Општина Берово претставуваше пример за поддршка на талентирани деца и како се подготвува буџетскиот циркулар каде е вклучена родовата компонента. Општина Струмица ги претставуваше примерите за отворање на Шелтер центар за жени жртви на насилство како резултат на партнерскиот однос со граѓанска организација и општествено одговорни компании, а Општина Велес информираше дека е во тек изработка на Стратегија за родова еднаквост со активно вклучување на граѓаните. Она што произлезе како заклучок од тридневната обука е дека родовата перспектива е и треба да биде дел од општинските документи за што е потребна и политичка поддршка, но и родова сензибилизација на останатите вработени во општините, како и на советниците.

Потребно е интегрирање на родовата перспектива во сите локални програми како и примена на родово одговорно буџетирање

За претставници од администрацијата од општините од Скопскиот, Пелагонискиот, Полошкиот и Југозападниот регион, кои работат на развивање на општинските програми и стратегии беше обезбедена обука на тема- “Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики“. Обуката беше организирана во Маврово, во периодот од 2 до 4 октомври, 2023 година и претставува  дел од повеќето обуки посветени на промовирање на принципите на демократското управување на локално ниво. Оваа активност веќе неколку години ја реализира ЗЕЛС во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Обуката беше организира со експертска поддршка на Канцеларијата на UN Women во Скопје.

Со цел учесниците подобро да осознаат кога и дали одредена политика е или не е родово сензитивна беа реализирани практични вежби низ кои учесниците користејќи соодветна методологија за родово интегрирање учеа како да постават родови индикатори за да се овозможи родова еднаквост во општинските активности. Тие осознаа дека родовата еднаквост треба и може да биде интегрирана во сите локални надлежности, односно вградена во политиките на сите општински програми. Присутните дискутираа и за важноста од обезбедувањето на родовите статистички податоци на локално и на национално ниво во различни сегменти (пазарот на трудот, образование, здравство и други) и нивното огромно значење во креирањето на локалните политики.  Беа презентирани и јавните политики со кои се уредува родовата еднаквост, потоа кои се 5-те чекори за креирање на родовите политики и со кои алатки и методи се работи на развој на програми и планови во кои е вклучена родовата перспектива. Преку вежбата „студија на случај“ присутните работеа на анализа на програма, ги идентификуваа  целите на програмата, особено во делот на родовата сензитивност, индикаторите што треба да ги постават, како и начинот на мерење на родовата перспектива при известувањето за реализацијата на програмите.

Пред присутните, претставничката од ЗЕЛС говореше за „Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџет“ што претставува важна алатка за потребите на општините. Беа презентирани добри практики од неколку општини. Претставници од Општина Кисела Вода, кои беа присутни на минатогодишните обуки за демократско управување, говореа за вклучувањето на граѓаните преку алатката „форуми во заедницата“ при креирањето на  општинската стратегија за родова еднаквост. Изработката на стратегијата е во тек и се реализира со поддршка на менторската програма на UN Women. Од Град Скопје говореа за начинот на градење на партнерски односи со граѓанскиот сектор при развој и реализирање на програми од социјала заштита. Општина Битола има долгогодишно позитивно искуство на вклучување на родовата перспектива во општинските програми за социјална заштита, образование, спорт уште во  фазата на аплицирање на повици за граѓански организации или други правни лица за одредени програми. Општина Ѓорче Петров обезбедува собирање на статистички податоци што се појдовна основа за анализа на  креирањето на програмите.

На крајот на обуката присутните се согласија дека родовата сензитивност треба да биде интегрирана при градењето на локалните политики во сите развојни програми . Особено  ја посочија исклучителната важност за обезбедувањето на соодветни финансиски средства во програмскиот буџет (преку алатката за родово одговорно буџетирање) за да може да се спроведат активностите чии ефекти треба да обезбедат родова еднаквост на локално ниво.

Со унапредена алатката за родово разделена статистика до подобрен пристап при планирање на потребите од родов аспект

Алатката насловена како „статистика“ на е-платформа за родово одговорно буџетирање на ЗЕЛС www.rob.zels.org.mk  е ставена во функција откако е унапредена нејзината форма од кориснички(администраторски) и визуелизациски аспект. Со цел подетално објаснување на можностите и начините на користење на алатката од страна на општини, за чии потреби и беше креирана, ЗЕЛС организираше обука на 07 јуни, 2023 во ЗЕЛС Тренинг Центарот, за одговорните лица кои ќе работат на платформата и за координаторите за еднакви можности на жените и мажите.

Обуката беше поделена во два дела, каде во привиот дел беше презентирана содржината на е-платформа, која е нејзината цел, како да ја користат од аспект на  најава од страна на општинските корисници, како и начинот на пополнување и користење на делот “статистика“ од страна на општините. Овие податоци кои ќе бидат разделени по род и категорија ќе им служат при анализирање на потребите на општината од родов аспект и понатаму трансформирани во мерки и активности со кои ќе се подобри/надмине одреден предизвик или проблем на жителите/ките на општината. Родово разделените податоци се важни при креирањето на општинските програми и буџет, а со оваа алатка тие ќе бидат визуелно прикажани на платформата, за секоја од општините посебно. Обуката за начинот на користење на платформата беше направена од компанијата “Интелигента“, која и ја разви оваа платформа и одржува низ годините, а за потребите на корисницте од општините и изработи Упатството за корисници, кое им е испратено на номинираните лица за оваа намена.  Вака унапредена платформата треба да им овозможи на општините на единствен, уникатен начин да ги собираат и внесуваат податоците, кои понатаму  визуелно се прикажуваат во форма на пита или графикон, кои се разделени по род и по категорија за секоја општина посебно. Експертот од “Интелигента“ практично им презентираше на присутните на обуката, користејќи ги статистичките податоци на Општина Аеродром за тоа како да се најават, внесат податоци или направат измени користејќи ги можностите на алатката „статистика“, дел од платформата. Присутните на обуката дадоа и дополнителни сугестии за подобрување на терминологијата на поимите кои ќе се користат за пополнување и читање на податоците, како и внесување на подкатегории. Платформата ќе биде дополнета со овие предлози и како таква им е на располгање на сите општини кои низ процесот на внесување и користење на платформата ќе имаат поддршка од ИТ лицата во ЗЕЛС кои се одговорни и за креирање на корисничко име и лозинка за секоја општина, односно за номинираното лицe.

Вториот дел од обуката беше наменет за претставување на новините од дополнетата и подобрена верзија на Европската Повелба за родова еднаквост, изработена од Советот на европски општини и региони- CEMR. Покрај презентирањето на новите 9 членови на Повелбата, координаторката за родова еднаквост од ЗЕЛС се осврна и на важноста на овој документ за издигнувањето на родовата еднаквост на политичата агенда на градоначалниците, а  со тоа поголема свесност кај нив, но и кај сите раководни и вработени лица во општините по хоризонтала и вертикала, со што би се довело и до позитивна промена на ставовите во однос на важноста на родовата еднаквост и нејзина интеграција низ сите надлежности на локално ниво. Со правилно креирање на мерки согласно потребите на жените и мажите и избалансиран пристап општините стануваат одговорни и транспаретни. Со потпишувањето на Европската повелба за родова еднаквост општината станува дел од европската мрежа на општини кои посветено работат на унапредување на родовата еднаквост и може да разменуваат пракси на европско ниво.  Новите потписници на Европската повелба се обврзуваат на сите 39 члена, како и тоа дека во рок од 2 години ќе изработат акциски план согласно залoжбите од  39-те члена, а имплементацијата на планот ќе биде следена со цел да се утврди колку од активностите и политиките се спроведени во пракса и какви промени направиле во локалната заедница. Потписниците пред 2022 година остануваат важечки и се во сила, но само треба да направат акциски план во кој ќе бидат додадени новите 9 членови од ревидираната верзија на Повелбата. За време на обуката беше истакната и улогата на ЗЕЛС во промовирањето и унапредувањето на родовата еднаквост во општините генерално низ годините, самостојно и проектно.Новата верзија од Европската Повелба е испратена до сите општини со потсетување за важноста од Европската повелба и  нејзино спроведување од оние општини кои се уште не ја потпишале.

Работилница –„Промовирање на родовите аспекти во работата на единиците на локалната самоуправа“

“Застапување за еднаквост на жените и мажите: Промовирање на родовите аспекти во работата на единиците на локална самоуправа во Република Северна Македонија“ беше темата на работилницата што се одржа на 29 мај, 2023 година, во Скопје, во  организација на ЗЕЛС и Мисијата на ОБСЕ во нашата земја. Членовите на Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС, претставниците од комисиите за еднаквост меѓу мажите и жените од општините и нивните координатори имаа можност да се запознаат со новите надополнувања на Европската повелба за рамноправност на мажите и жените во локалната власт, со алатките и методологии за јакнење на родовите аспекти во работата на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС), како и да слушнат добри практики за спроведување на родови вредности, применети во европските градови и општини.

Пред присутните се обрати извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ која  говореше за улогата на ЗЕЛС во заложбите  за прифаќањето на Европската повелба во општините во нашата земја, како и за континуираната поддршка што ЗЕЛС им ја дава на комисиите за родова еднаквост и на членовите од општинската администрација за креирање на родови политики и нивно имплементирање. Таа ја нагласи улогата на Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС, составена од градоначалнички и градоначалници, советнички и советници од општините, кои градат политики за  унапредување на родовата еднаквост на локално ниво и лобираат за што поголема легална препознатливост на ова право и негова ефективна примена во сите сфери од животот: политичка, социјална, економска, културна и други. Освен Лоби групата, која е единствен пример во регионот и пошироко, како втора уникатна добра практика воспоставена од ЗЕЛС беше нагласена и електронската Платформа за родова одговорно буџетирање https://rob.zels.org.mk/ на која се пласираат сите материјали, документи од оваа област и добри практики од општините, а беше посочено и дека 23 општини од нашата земја се потписнички на Европската повелба.

Нов формат на Европската повелба за еднаквост на мажите и жените збогатен со нови девет членови

Одржлив развој за одржлива иднина ; Сајбер насилство; Насилство против избрани и именувани жени и персонал; Интерсекционалност и диверзитет; Флексибилност на работното место; Дигитализација и дигитална инклузија; Сексуално и право на репродуктивно здравје; Климатски промени и право на здрава околина и Управување со кризи и граѓанска подготвеност,  се новите девет членови со кои од оваа година е надополнета Европската повелба за еднаквост меѓу мажите и жените. Во Советот на европски општини и региони, креаторот на Повелбата, пред повеќе од четири години е забележана потребата за опфаќање на новите општествени  ,,подрачја“ каде е потребно преземање на активности од родов аспект. Претставничката од Советот, Џејми Џаст, пред присутните говореше за причините за воведување на деветте нови области во Повелбата, но и за активностите во насока на обезбедување на зајакнато родово учество преку интервенции на ЕУ, поддршка на жените, женските здруженија и друго, како и вклучувањето на родовите аспекти во креирање на политики и буџетирање на локално ниво. Таа посочи дека во период од 19 години од донесувањето на Повелбата има 2000 потписнички во 36 европски земји, но дека бројот на донесување на акциски планови за нејзино спроведување не е на задоволително ниво. Во таа насока во следниот период фокусот ќе биде ставен на  посеопфатен мониторинг, анализи и обезбедување на статистички податоци за резултатите од примената на Повелбата. Како придобивки на општините од  потпишување на Повелбата беа изнесени: ставање на родовата еднаквост на политичката агенда на секоја локална власт; структурирање на активностите поврзани со родова еднаквост во општината и спроведување на други рамки и правни обврски; правење позитивни промени во општината, подобрување на животот на граѓаните; ефикасно управување и распоредување на ресурсите; промена на ставови ;  станување дел од европска мрежа на општини кои  посветено работат на родовата еднаквост. Меѓу изнесените добри практики од европски градови и општини беа изнесени: флексибилни дизајни на станбен простор, планирање на различни животни фази како и примената на 4Р методот во библиотеките во Виена; потоа инкорпорирањето на активности од ,,сајбер насилството“ во Акцискиот план за родова еднаквост за 2024 година на Минхен; обновување на видот на играчките во детските градинки во Лондон, каде се воведуваат кукли кои карактеризираат повеќе раси, кукли кои отсликуваат одредена физичка попреченост, како и кукли каде не се присутни стереотипи во женско –машките професии и слично .

Поголема децентрализација – еден од начините на институционализација на одредени услуги во насока на обезбедување на поголема родова рамноправност

Претставниците од локалната власт од нашата земја изнесоа низа свои добри практики за поддршка на родовата еднаквост. Тие посочија дека со поддршка на ЗЕЛС се јакнат капацитетите на општинската администрација и на  советниците во насока на подигање на свеста за потребата од обезбедување на родови статистики кои експлицитно покажуваат каде постојат одредени родови нееднаквости и каде е потребна соодветна интервенција. Обезбедените родови статистички податоци  придонесуваат за креирање на соодветни локални политики од родов аспект во секој сегмент од општественото живеење, но укажуваат и на потребата за финансиска поддршка што локалната власт би требало да ја обезбеди за нивно надминување. Беше нагласено дека голем дел од преземените активности немаат континуитет, од причина што за дел од нив општината нема надлежност, но пред се поради недостаток на финансиски средства за нивно одржување или поради промена на политичката гарнитура во општината. Според анализите најизразена е потребата за  услуги од родов аспект во делот на : семејно насилство; женско здравје, женско претприемништво и слично. Во таа насока беше посочено дека само со обезбедување на поголема финансиска независност на општините и продлабочување на децентрализација на власта ќе се обезбеди и квалитетна институционализација на ваквите услуги. Присутните ги посочија и несогласувањата со одредени  одредби утврдени во Предлог на Законот за родова еднаквост што е во процес на  јавно дебатирање.

„Како до родово разделени статистички податоци?“- обука за општинските координатори за еднакви можности меѓу мажите и жените

Статистиката е општо добро што им служи на сите и секој може да ги користи добиените статистички податоци. А податоците претставуваат значајна основа за современо одлучување и управување на сите нивоа, служат за анализа на тековните состојби и овозможуваат идни микро и макро  планирања на развојот на земјата во сите сфери. Со цел да се заштитиме од погрешни и манипулативни податоци, да се избегнат недоразбирањата, да може да се донесуваат правилни одлуки, да се заштити институцијата од недоверба и дискредитирање, потребно е лицата кои ги користат статистичките податоци да имаат познавања како најправилно да го сторат тоа, односно да се статистички описменети.

Всушност тоа беше и целта на еднодневната обука -„Како до родово разделени податоци?“  што ја организираше ЗЕЛС на 26 мај, 2022 година, во ЗЕЛС тренинг центарот, во соработка со Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија. Обуката беше наменета за потребите на општинските координатори за еднакви можности во насока на надградување на општинските капацитети за соодветно користење на базите на податоци на ДЗС во делот на родовата статистика, за обезбедување на релевантни анализи и истражувања кои ќе придонесат во креирањето на адекватни одлуки, планови и програми за обезбедување на еднаквост меѓу мажите и жените на локално ниво.

Примената на статистичка методологија од огромно знаење за релевантноста на податоците

Претставниците од ДЗС ги запознаа присутните со активностите на нивната институција и со областите на статистичките истражувања (демографски и социјални статистики, економски, секторски: земјоделство, енергетика, транспорт, животна средина и други) како и со значењето на статистиката и статистичките податоци. Посебен акцент беше ставен на начинот на спроведувањето на статистичкото истражување, на методите за прибирање на податоците како и на огромното значење на примената на статистичката методологија. Методологијата е рамка во која се дефинираат сите важни аспекти од истражувањето: целта и значењето на истражувањето, содржината, правниот основ на истражувањето, единици на опфат,  изборот на примерок, време, начин, техника на прибирањето на податоците, заштита на податоци, обработка на податоците, публикување и друго. Доколку не се примени адекватна методологија во истражувањето, може да се доведе под знак прашалник релевантноста на добиените податоци.

ДЗС упати отворена покана до општините за отвореност за давање на консултации при подготовката на општински истражувања за собирање на соодветни податоци

Претставниците од ДЗС  упатија апел до сите единици на локална самоуправа  дека се отворени за соработка доколку општината сака да спроведе истражување за обезбедување на одредени податоци. Односно дека ќе им обезбедат бесплатни консултации во делот на поставувањето на прашалникот и за утврдувањето на методологијата на истражувањето со цел да се добијат квалитетни и релевантни податоци. Исто така, тие посочија доколку за истражувањето општината ангажира експерти или други консултантски институции, задолжително од нив да побара потврда издадена од ДЗС во која ќе биде наведено дека во истражувањето ќе се користи соодветна методологија одобрена од Заводот за статистика. На тој начин  општината ќе се стекне со едно издржано  истражување, а истовремено податоците ќе можат да се сметаат да релевантни и да се користат и од други институции при натамошна обработка.

Неопходна соработка на институциите  при собирањето и дисеминацијата на податоците 

Беше нагласено дека во нашата земја постојат многу паралелни системи на прибирање на податоци, што претставува нецелисходно трошење на енергија и финансиски ресурси и  дека затоа е потребна  поинтензивна и конструктивна меѓусебна соработка на националните и локални институции во однос на собирањето и дисеминацијата на статистичките податоци. А соработката со ДЗС  е од клучно значење за обезбедување на употребливи податоци кои ќе им бидат од полза на сите граѓани и на државата.

Приоритет на ДЗС е обезбедување на што поголемо користење на статистичките податоци

Во однос на значењето на статистичката писменост (СП) беа изнесени повеќе дефиниции меѓу кои дека СП е способност да се разберат и критички да се вреднуваат статистичките резултати што влијаат на нашите секојдневни животи. Исто така, беше посочено дека СП опфаќа разбирање и користење на основниот јазик и алатки на статистиката: знаење на основните статистички термини, разбирање на едноставните статистички симболи и способност за интерпретирање на различно претставените податоци. Во тој контекст експертите од ДЗС нагласија дека при  пребарувањето на базите на статистички податоци, од непроценлива важност е корисниците да посветат внимание и време и да ги читаат сите дадени појаснувања во системот  и добро да се запознаат со значењето на дадени симболи.

Обезбедени се отворени бази на статистички податоци, функционални за користење и едноставни за работа  

Беше изнесено дека еден од приоритетите што си ги поставил ДЗС не е само  собирањето на податоците, туку се повеќе тие се насочуваат да обезбедат нивно што поинтензивно и помасовно користење. Во таа насока, вниманието го насочуваат и кон обезбедување на зголемување на степенот на статистичката писменост кај корисниците на базите на податоци на Заводот, особено на корисниците од државните и јавните институции. Затоа тие посочија дека имаат обезбедено функционални бази на податоци кои се отворени за пристап на секого, и кои се  едноставни за работа. Корисникот може сам да ги обработува податоците, да си прави пресметки што се од важност за неговите потреби, да добива информации во вид на графикони, excel табели, збирни податоци, може податоците да ги преземе на својот компјутер, и да обезбеди нивно континуирано ажурирање. Беше посочено дека вакви можности дава особено МакСтат базата на податоци, која е едноставна за  работа на корисниците , а располага со околу 3.000 табели и  250 колони. При тоа беше нагласено дека корисникот  доколку ги употреби податоците во истражување или некоја евиденција задолжително треба да го нагласи изворот од каде се преземени, односно  да  евидентира дека тоа се податоци преземени од Државниот завод за статистика на РСМ. Сите овие објаснувања од страна на претставниците на ДЗС беа пропратени во континуитет со директно презентирање на примери од областа на родовата еднаквост со што присутните понепосредно се запознаа со можностите за користење на овие статистичките бази на податоци. Обуката беше одлично прифатена од страна на присутните кои  побараа и дополнителна продлабочена ваква обука, а истовремено предложија истата да им биде презентирана и на нивните колеги во општините, од одделенијата за локален економски развој.

Улогата на ЗЕЛС во унапредувањето на родовата еднаквост во општините претставена пред советници од Комисиите за еднакви можности

Од 5-7 мај, 2022 година во организација на Институтот за национална демократија-НДИ во Скопје се организираше обука за 70-тина советници од Комисиите за еднакви можности од 20 општини на тема: Зајакнување на Комисиите за еднакви можности- Законска рамка, прави и обврски на комисиите од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените, каде свое претставување имаше и ЗЕЛС.

Во поздравните обраќања, претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска подвлече дека секоја активности која е во насока на подобрување на еднаквите можности како што е и активноста на НДИ, треба да биде позитивен инпут во создавањето на еднакви можности за сите граѓани. “Секоја услуга која ја обезбедуваат општините треба да се гледа низ призмата на тоа дали е еднакво достапна и потребна за жените и мажите“, истакна претседателката Арсовска.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа е силен национален партнер во областа на родовата еднаквост и многу е значајно што сите заложби се препознаени од меѓународните партнерски организации и од локалните самоуправи, како и од општинските совети. Сите тие ЗЕЛС го препознаваат како партнер во нивните заложби и активности, беа дел од пораките во воведниот дел како покрај претседателката на ЗЕЛС се обрати и амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон и Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на Националниот демократски институт- НДИ.

Во вториот ден од обуката на тема:Национални стратешки документи и правна рамка за единиците на локалната самоуправа и улогата на ЗЕЛС во интегрирањето на родовата еднаквост во локалните политики и буџет, координаторката за родова еднаквост во ЗЕЛС, Ирена Николов зборуваше за обврските и одворностите на советниците кои произлегуваат од Законот за локална самоуправа и другите посебни закони со кои се уредуваат надлежностите во општините. Преку свои примери се вклучија и советниците кои зборуваа за нивните досегашни искуства во однос на организирање на седниците на советот, работатата на Комисијата за еднакви можности, нејзиното значење и обврски во однос на унапредвувањето на еднаквните можности во општините. Понатаму, со презентација и примери од општините беа претставени и други Комисии кои работат во рамките на советот и беше укажано на можноста од вклучување на надоворешни членови( експерти) од одредени области во работата на овие тела на советот на општината.

Понатаму, беа истаканти сите алатки и механизми кои ги има креирано и поставено ЗЕЛС за потребите на општините, а во насока на унапредување на родовата еднаквост. Тоа се е-платформата за родова еднаквост која претставува ресурсен дигитален центар на општини, стратешките документи на ЗЕЛС со кои се потврдува определбата за подобрување на положбата на општините во областа на родова еднаквост, се подвлече за значењето на Лоби групата за родова еднаквост во делот на лобирање пред националните и меѓунаордни инситутции, се зборуваше и за Работната група за родова еднаквост на ЗЕЛС и други алатки и механизми кои им се располагање на општините. Исто така беше нагласена и потребата од усвојување на Европската повелба за родова еднаквост како демократска вредност од страна на општините, а чиј промотор е ЗЕЛС, со што ќе се потврдат заложбите на локалните власти за вклучување на родовата перспектива во сите аспекти на животот на жителите и жителките во општините.

Во останатите сесии од обуката беа обработени теми кои се однесуваат на Национални стратешки документи и правна рамка за постигнување родова еднаквост на локално ниво, Добро владеење, постигнување консензус, принципи на инклузивност и транспарентност, антикорупција и Како да ја исполниме нашата функција? Како да одговориме подобро на потребите на граѓаните?.

Обуката имаше за цел и градење врски помеѓу членките и членките во рамките на КЕМ на општинско ниво, но и вмрежување со колегите од другите општини.

Советниците од Општина Пробиштип со голем интерес и предзнаење за унапредување на родовата еднаквост во локалната заедницa

На покана на Општина Пробиштип, а во рамките на Програмата за еднакви можности на жените и мажите за 2022 година, претставнички од ЗЕЛС одржаа обука за советниците од општината на тема “„Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики“.

Целта на обуката беше запознавање на претставниците на Советот на Општина Пробиштип за концептот за родова еднаквост и нивна мотивација за делување во насока на унапредување на положбата на жените во сите сфери на општествениот живот.

На обуката присуствуваа сите членови на Советот на Општина Пробиштип, членовите на Комисијата за еднакви можности, како и координаторката од општината. Ирена Николов, советник за обуки и координатор за родова еднаквост во ЗЕЛС зборуваше за основните поими на род и пол, за постоење на родови стереотипи и родови улоги, како да се надминат родовите стереотипи и што може општината да направи согласно своите надлежности и законската рамка за унапредување на родовата еднаквост. Благородна Шопова, советник за обуки и одговорна за прашања од социјална политика зборуваше за постојните нееднаквости меѓу жените и мажите во различните сфери, согласно расположливите статистички податоци во земјата. Понатаму, преку вежби и дискусија советниците се запознаа со потребата за следење на состојбата со родовата еднаквост на локално ниво, преку користење на родово разделени податоци, а се со цел намалување на постоечките родови јазови. Учесниците се стекнаа со вештини за утврдување на состојбите со родовата еднаквост по надлежности во општината и со работа во групи дефинираа активности и мерки за надминување на нееднаквостите помеѓу жените и мажите и девојчињата и момчињата во општината.

Исто така беше истакната потребата од взаемна соработка меѓу Советот и Комисијата за еднакви можности со коодинаторот за еднакви можности на локално ниво со цел кооринирано делување во насока на развивање и усвојување на родово-сензитивни локални политики.

Општина Пробиштип е една од поактивните општините во земјата која континуирано работи на развивање на активности и програми низ родова перспектива.

Со поддршка на женското претприемништво до подобар локален економски развој во Општина Бар

Од 04 до 07 јули, 2021 претставници од Лоби групата на ЗЕЛС за родова еднаквост составена од градоначалнички и претседателки на совети во општините учествуваа на регионална посета на Општина Бар, Црна Гора за размена на добри пракси. Активноста е дел од проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на капацитетите на општините за интегрирање на родовиот аспект во локалните политики и буџет“ 2019-2021 што ЗЕЛС го спроведува со поддршка на канцеларијата на UN Women во Скопје.

Регионалната размена на искуства на добри пракси беше на тема “Поддршка на женско претприемништво“што Општина Бар во Црна Гора го има институционализирано преку годишна Програма за претприемништво со износ од 100.000 евра и специфична Програма за женско претприемништво во износ од 35.000 евра кои ги спроведуваат низ фискалните 2020 и 2021 година. Градоначалникот на Општина Бар Душан Раичевиќ на приемот на нашата делегација од Лоби групата зборуваше дека родовиот аспект е многу значаен при креирањето на политиките и буџетот во општината, со посебен акцент на развојот на претприемништвото и поддршка на малите и средни бизнис во општината, што особено беше важно за време на Ковид-19 кризата. “Ние сме фокусирани на јакнење на врската со локалното претприемништво и се трудиме да ги следиме нивните потреби и желби согласно надлежноста на Општина Бар која е влезена и во регионалната Програма BFC-SEE за сертификација на општина за поволно деловно опкружување. Во таа насока е и оваа Програма за женско претприемништво што беше развиена на иницијатива на Женската политичка алијанса на Црна Гора од страна на мојот тим. Целта е да ги промовираме и поддржуваме жените бизнисменки кои се и најголеми корисници од програмите за поддршка на претприемништво“, изјави градоначалникот Раичевиќ. Според него, тие програми придонеле многу за одржување на малите и средни претпријатија во Општина Бар за време на кризата со Ковид-19 и дека како мерки се покажале многу корисни за жените претприемачки, како едни од најпогодените од оваа криза. Целта на Општина Бар за партнерство и креирање на нови работни места во согласност со потребите на бизнис заедницата ќе биде нивна водилка и понатаму, со посебен акцент на женското претприемништво како една од најголемите групи на корисници од овие програми.

Дека 66% од жените од Општина Бар се корисници од двете програми, како и за начинот на апликација и критериумите за избор на бизнисите кои ги поддржуваат од општината зборуваше Тања Спичановиќ, потпретседателка на Општина Бар која е одговорна за овие програми и локалниот економски развој. “ Во фискалните 2020 и 2021 година преку програмите за поддршка на претприемништво и женско претприемништво подржавме околу 100 лица од кои 66 се жени, а 34 мажи во износ од 462.751 евра од кои околу 300.000 се насочени за поддршка на жени претприемачи. Нашата цел за воспоставување на доверба и партнерски однос на општината со бизнис заедницата ја јакнеме и преку овие програми“, изјави Спичановиќ. Нивната цел за поддршка на мали и средни претпријатија ја базираат на три клучни елементи: финансиска поддршка, воспоставување на инфо точка за бизнис заедницата и примери на добри пракси.

Во согласност со агендата, претставниците од Лоби групата имаа можност директно да посетат некои од жените и да ги видат на лице место нивните бизниси. “ Вкус и традиција“ на Јелена Пејановиќ во туристичкото место Лимљани, Црмница е развиено како рурален туризам и изработка на домашни продукти и производи од нивното поднебје. Така, можеа да се вкусат сок од специјални рози кои ги растат и одгледуваат во градината позади куќата во автентична архитектура во која се уредени два апартмани и место за исхрана на гаости, сето уредно уредено во традиционален стил. Исто така послужија и црвено вино вранец од нивните винови лозја кои се наоѓаат во градината крај куќата, потоа домашни теста и слатка направени од рози, зелени патлиџани, шипки. Сите производи како што објасни Јелена ги произведуваат тие самите во фамилијата, односно на неа и помагаат сопругот и свекрвата, а има и две малолетни деца кои ги воведуваат во работата и во пречекот на гости кои доаѓаат низ цела година во нивните апартмани. Местото Лимљани е планинско и во близина на Скадарско Езеро, кое преку панорамска прошетка го обиколивме заедно со домаќините од Општина Бар.

На вториот ден од посетата учесниците од Лоби групата се запознаа и со Наташа Пламенац која заедно со своите три ќерки ја отворила и работи слаткарницата “Tre sorele” во Бар. Од вредните раце на Наташа вкусивме слатки и солени јадења од домашната и странска кујна, кои беа прекрасно аранжирани. Дека постои синергија помеѓу бизнисите кои ги поддржува општина Бар видовме во слаткарницата каде се продаваа домашните сокови од ружа, нане и калинка спакувани во промотивни пакети на мали шишенца.

Со цел запознавање и со останатите бизниси кои ги поддржуваа општината домаќините ја поканија делегацијата од Лоби групата да учествува на Саемот на претприемништво што беше организиран на 06 јули, 2021 на отворено во дворецот на кралот Никола каде претприемачите ги изложуваа и преставуваа нивните производите и продуктите на штандови. За време на саемот членовите на Лоби групата на ЗЕЛС, заедно со градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски кои се збратимени со Општина Бар имаа можност директно да разговараат со останатите корисници на програмата за претприемништво, како со претприемачите кои изработуваат домашни сапуни од маслинки и тревки, како и други козметички прозивди за релаксација и негување, сопственикот на бизнис за сликање на платно, производи од дрво од маслинка и други претприемачи кои изразија голема благодарност до општина Бар за поддршката на нивните идеи.

На крајот од посетата беше заклучено да се продолжи соработката помеѓу двете земји преку размена на документи и материјали кои се однесуваат на овие програми за интегрирање на родовата димензија во локалните програми, своите пракси од општината Битола, Македонска Каменица, Аеродром и другите учесници да ја споделат со Општина Бар, а понатаму соработката со нашите општините да прерасне во организирање на заеднички регионален настан- Форум на добри регионални пракси во кои ќе бидат поканети и други земји од регионот на теми од родовата еднаквост и родовото одговорно буџетирање.

Конференција во организација на ЗЕЛС –„ Форум на општински пракси: Кон родово одговорни општини“

„Форум на општински пракси: Кон родово одговорни општини“ беше темата на конференцијата што се одржи на 25 јуни, 2021 година, во Скопје во организација на ЗЕЛС. Со овој настан беше заокружен двегодишниот период на реализација на активностите од проектот “Кон родово одговорни општини:зајакнување на општинските капацитети за родови политики и родово одговорен буџет“, што го реализира ЗЕЛС, со поддршка на UN Women, Скопје, а кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида.

Градоначалнички и градоначалници, советнички и советници од Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС, како и координатори и координаторки за родова еднаквост од општините дискутираа за предизвиците со кои се соочува локалната власт во градењето на административните капацитети и во креирањето и имплементирањето на родовите политики во различни сегменти од општинските надлежности.

Присутните ги поздрави извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која говореше за клучната улога на Заедницата во градењето на капацитетите на локалните власти за креирање и имплементирање на родови политики и родово одговорно буџетирање. Таа посочи дека во изминатиот период активностите генерално се темелат на претходно утврдената Стратегија за родова еднаквост на ЗЕЛС (2018 -230) но и на соработката со UN Women. Беа презентирани резултатите од Проектот, меѓу кои се и најновите брошури што претставуваат значајна поддршка за унапредување на комуникацијата меѓу вработените внатре во општината и на комуникацијата на општината со надворешната јавност во делот на родово сензитивни прашања. Беше посочено дека искуствата што од оваа област ги стекна секоја општина се драгоцен извор на натамошно надградување на знаењата во решавањето на ваквите предизвици.

Пред присутните говореа и градоначалничките на Битола и на Македонска Каменица, Наташа Петровска и Соња Стаменкова, како и претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, сите членки на Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС. Тие изразија голема благодарност до ЗЕЛС и UN Women за целокупната досегашна поддршка и посочија дека истата треба да продолжи и во следниот период. Подобрена е политичката посветеност на ова прашање, капацитетите на координаторите за еднакви можности се издигнати се на високо ниво, подобрена е меѓусекторската комуникација и соработка во сензибилизирањето на прашањата од родова еднаквост во рамките на општините, а веќе се помалку се донесуваат програми од страна на советите, во кои нема вклученост и на родовиот аспект. Присутните ги поздрави и градоначалникот на Штип, Сашко Николов, кој нагласи дека во неговата општина се повеќе применува родово статички податоци кои се значајна база за креирање на родови политики и поддршка на граѓаните во насока на постигнување на родова еднаквост на секое ниво.

За важноста за унапредувањето на комуникацијата на координаторите за еднакви можности со сите сектори во општината и со надворешната јавност и медиумите говореа координаторките од општините: Кочани, Делчево и Карпош: Љубинка Ајтовска, Даниела Такева и Виолета Цветковска. Сите посочија дека двонасочната комуникација е клучна за подигање на свеста и на вработените во општината ,и на целокупната јавност за важноста на родовите прашања.Добри практики беа изнесе од координаторките од општините Центар, Аеродром и Горче Петров Дрита Исени, Весна Марковска и Данче Василевска. Присутните посочија дека со подигнувањето на нивото на чувствителноста на ова прашање се покренати низа активности со кои се обезбедува родова еднаквост а со тоа се подига и степенот на почитување на универзалните човекови права.

Локализација на Националниот акционен план (НАП) за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност

“Локализација на Националниот акционен план (НАП) за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност“ беше темата на обуката што на 7 и на 8 јуни, 2021 година, ја организираше ЗЕЛС за претставниците од општините. Беа поканети: координаторот или координаторката за родова еднаквост; лице одговорно за управување со кризи, како и лице одговорно за социјални заштита/соработка со невладини организации од општината. Обуката беше реализирана во рамките на проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за политики за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање“(2019-2021), што ЗЕЛС го спроведува со поддршка на UN Women, а се одвиваше во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, каде беа обезбедени сите протоколарни мерки поврзани со превенција од корона вирусот.

Нашата земја, минатата година донесе втор Национален акционен план за имплементирање на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност (2020 -2025) стратегиска рамка. Дел од имплементацијата на овој план подразбира и спроведување на активности на локално ниво. Во таа насока присутните на обуката првенствено се запознаа со содржината на оваа Резолуција и на деветте последователно донесени резолуции од оваа област; се запознаа со суштината на нејзините главни столбови; со процесот на донесување на вториот Национален акционен план за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност. Од особена важност за присутните беше делот посветен на утврдувањето на карактеристичните предизвици на секоја локална власт во насока на натамошно креирање на локални политики и документи за имплементирање на активностите од НАП за ефективна имплементација на Резолуцијата 1325„Жените, мирот и безбедноста.

Резолуција 1325 „Жените, мирот и безбедноста“

Резолуција 1325 „Жените, мирот и безбедноста“ е усвоена од Советот за безбедност на ОН на 31.10.2000 год. Со неа се истакнува важноста на рамноправното учество на жените во спречувањето на конфликтите, решавањето на конфликтите и во градењето одржлив мир ( https://www.usip.org/gender_peacebuilding/about_UNSCR_1325). Резолуцијата 1325 адресира две суштински прашања: несоодветното влијание на вооружените конфликти и војните врз жените и девојчињата, како и улогата што треба да ја имаат жените во спречувањето на конфликтите и градењето на мирот.

Резолуцијата се темели на четири главни столба. Со првиот столб се повикуваат државите да го зголемат учество на жените на сите нивоа на донесување одлуки,во самите институции: при спречување, управување и решавање на конфликти ;во мировни преговори, во мировни операции, како војници, полицајци и цивили. Во вториот столб заложбата е да се обезбеди заштита на жените и девојките од сексуално и родово базирано насилство, вклучително и во итни и хуманитарни ситуации, како што се бегалски кампови. Во третиот столб Резолуцијата повикува да се подобрат стратегиите за интервенција во спречувањето на насилството врз жените, вклучително и со гонење на одговорните за кршење на меѓународното право; зајакнување на правата на жените според националното законодавство; и поддршка на локалните мировни иницијативи на жените и процесите на решавање на конфликти. А, со последниот столб се повикува на унапредување на мерките за олеснување и закрепнување за решавање на меѓународните кризи преку вклучување на родовата перспектива, вклучително и со почитување на цивилната и хуманитарната природа на бегалските кампови и разгледување на потребите на жените и девојките во дизајнирањето на бегалските кампови и населби. Дел од клучните заложби се и интеграција на родовите перспективи во сите мисии преземени од страна на Советот за безбедност и обезбедување на родова перспектива и обука во операциите за поддршка на мирот на ООН.

Како ефективно да се имплементира Резолуција 1325 на локално ниво

На обуката особено внимание беше посветено на поддршката на претставниците од локалната власт при фокусирањето на предизвици од оваа област во насока на натамошно креирање на локални политики и документи за имплементирање на активностите од НАП за ефективна имплементација на Резолуцијата 1325„Жените, мирот и безбедноста“. Беше посочено на потребата од развивање на политики и преземање на конкретни активности за обезбедување на поголемо вклучување на жените во процесите на донесување одлуки на сите нивоа за прашања поврзани со безбедноста на локално ниво (локални совети за превенција, кризни штабови); истакнување на потребата за спроведување на родово – сензитивни обуки за претставници на локалната самоуправа, но и за претставниците на воспоставените локални механизми; идентификување на безбедносни ризици на локално ниво, анализа на нивното влијание врз жените, како и улогата на жените во насока на спречување на истите (етнички конфликти; присуство на нелегално оружје;насилен екстремизам и тероризам). Исто така, беше нагласена и потребата за прецизно идентификување на проблемите (доколку се утврди дека постојат) поврзани со безбедноста на жените на локално ниво (насилство врз жени и семејно насилство; насилство врз жени и девојки во јавниот простор;- трговија со луѓе). Потоа, идентификување на ризици од природни непогоди, пандемија од Ковид – 19 итн.; предвидување на мерки на локално ниво со цел примена на Резолуцијата 1325 и обезбедување на буџетски средства; воспоставување на јасни цели, индикатори и временска рамка; развој и имплементација на локални акциски планови и друго.

На обуката беше поканета и претставничка од Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, член на Работната група за изработка на НАП која, меѓу другото изнесе и конкретни примери на заложби што ова министерство ги реализира во насока на ефективно имплементирање на оваа резолуција на ОН и обезбедувањето на поголема вклученост на жените во редовите на ова министерство.

Од дискусијата произлегоа и одредени препораки во насока на ефикасно спроведување на Резолуцијата 1325. Беше посочена потребата за спроведување на широка национална кампања за промоција на Националниот акционен план ( НАП ) и можност за учество во креирање на локалните планови за спроведување на Резолуцијата. Подобрување на механизмите за мониторинг и евалвација на нејзиното спроведување; преглед на акционите планови преку годишни состаноци; обезбедување на механизам за координација и комуникација во рамките на Меѓуминистерската работна група за имплементација. Исто така беше посочено и на потребата од дополнително унапредување и промовирање на жените во рамките на институциите; спроведување на родова анализа и собирање на податоци расчленети по пол од страна на државни и локални институции ; зголемување на пристапот на податоци и анализи, подобрување на прашања поврзани со мирот и безбедноста и друго.