Конференција во организација на ЗЕЛС –„ Форум на општински пракси: Кон родово одговорни општини“

„Форум на општински пракси: Кон родово одговорни општини“ беше темата на конференцијата што се одржи на 25 јуни, 2021 година, во Скопје во организација на ЗЕЛС. Со овој настан беше заокружен двегодишниот период на реализација на активностите од проектот “Кон родово одговорни општини:зајакнување на општинските капацитети за родови политики и родово одговорен буџет“, што го реализира ЗЕЛС, со поддршка на UN Women, Скопје, а кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида.

Градоначалнички и градоначалници, советнички и советници од Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС, како и координатори и координаторки за родова еднаквост од општините дискутираа за предизвиците со кои се соочува локалната власт во градењето на административните капацитети и во креирањето и имплементирањето на родовите политики во различни сегменти од општинските надлежности.

Присутните ги поздрави извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која говореше за клучната улога на Заедницата во градењето на капацитетите на локалните власти за креирање и имплементирање на родови политики и родово одговорно буџетирање. Таа посочи дека во изминатиот период активностите генерално се темелат на претходно утврдената Стратегија за родова еднаквост на ЗЕЛС (2018 -230) но и на соработката со UN Women. Беа презентирани резултатите од Проектот, меѓу кои се и најновите брошури што претставуваат значајна поддршка за унапредување на комуникацијата меѓу вработените внатре во општината и на комуникацијата на општината со надворешната јавност во делот на родово сензитивни прашања. Беше посочено дека искуствата што од оваа област ги стекна секоја општина се драгоцен извор на натамошно надградување на знаењата во решавањето на ваквите предизвици.

Пред присутните говореа и градоначалничките на Битола и на Македонска Каменица, Наташа Петровска и Соња Стаменкова, како и претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, сите членки на Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС. Тие изразија голема благодарност до ЗЕЛС и UN Women за целокупната досегашна поддршка и посочија дека истата треба да продолжи и во следниот период. Подобрена е политичката посветеност на ова прашање, капацитетите на координаторите за еднакви можности се издигнати се на високо ниво, подобрена е меѓусекторската комуникација и соработка во сензибилизирањето на прашањата од родова еднаквост во рамките на општините, а веќе се помалку се донесуваат програми од страна на советите, во кои нема вклученост и на родовиот аспект. Присутните ги поздрави и градоначалникот на Штип, Сашко Николов, кој нагласи дека во неговата општина се повеќе применува родово статички податоци кои се значајна база за креирање на родови политики и поддршка на граѓаните во насока на постигнување на родова еднаквост на секое ниво.

За важноста за унапредувањето на комуникацијата на координаторите за еднакви можности со сите сектори во општината и со надворешната јавност и медиумите говореа координаторките од општините: Кочани, Делчево и Карпош: Љубинка Ајтовска, Даниела Такева и Виолета Цветковска. Сите посочија дека двонасочната комуникација е клучна за подигање на свеста и на вработените во општината ,и на целокупната јавност за важноста на родовите прашања.Добри практики беа изнесе од координаторките од општините Центар, Аеродром и Горче Петров Дрита Исени, Весна Марковска и Данче Василевска. Присутните посочија дека со подигнувањето на нивото на чувствителноста на ова прашање се покренати низа активности со кои се обезбедува родова еднаквост а со тоа се подига и степенот на почитување на универзалните човекови права.