Со поддршка на женското претприемништво до подобар локален економски развој во Општина Бар

Од 04 до 07 јули, 2021 претставници од Лоби групата на ЗЕЛС за родова еднаквост составена од градоначалнички и претседателки на совети во општините учествуваа на регионална посета на Општина Бар, Црна Гора за размена на добри пракси. Активноста е дел од проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на капацитетите на општините за интегрирање на родовиот аспект во локалните политики и буџет“ 2019-2021 што ЗЕЛС го спроведува со поддршка на канцеларијата на UN Women во Скопје.

Регионалната размена на искуства на добри пракси беше на тема “Поддршка на женско претприемништво“што Општина Бар во Црна Гора го има институционализирано преку годишна Програма за претприемништво со износ од 100.000 евра и специфична Програма за женско претприемништво во износ од 35.000 евра кои ги спроведуваат низ фискалните 2020 и 2021 година. Градоначалникот на Општина Бар Душан Раичевиќ на приемот на нашата делегација од Лоби групата зборуваше дека родовиот аспект е многу значаен при креирањето на политиките и буџетот во општината, со посебен акцент на развојот на претприемништвото и поддршка на малите и средни бизнис во општината, што особено беше важно за време на Ковид-19 кризата. “Ние сме фокусирани на јакнење на врската со локалното претприемништво и се трудиме да ги следиме нивните потреби и желби согласно надлежноста на Општина Бар која е влезена и во регионалната Програма BFC-SEE за сертификација на општина за поволно деловно опкружување. Во таа насока е и оваа Програма за женско претприемништво што беше развиена на иницијатива на Женската политичка алијанса на Црна Гора од страна на мојот тим. Целта е да ги промовираме и поддржуваме жените бизнисменки кои се и најголеми корисници од програмите за поддршка на претприемништво“, изјави градоначалникот Раичевиќ. Според него, тие програми придонеле многу за одржување на малите и средни претпријатија во Општина Бар за време на кризата со Ковид-19 и дека како мерки се покажале многу корисни за жените претприемачки, како едни од најпогодените од оваа криза. Целта на Општина Бар за партнерство и креирање на нови работни места во согласност со потребите на бизнис заедницата ќе биде нивна водилка и понатаму, со посебен акцент на женското претприемништво како една од најголемите групи на корисници од овие програми.

Дека 66% од жените од Општина Бар се корисници од двете програми, како и за начинот на апликација и критериумите за избор на бизнисите кои ги поддржуваат од општината зборуваше Тања Спичановиќ, потпретседателка на Општина Бар која е одговорна за овие програми и локалниот економски развој. “ Во фискалните 2020 и 2021 година преку програмите за поддршка на претприемништво и женско претприемништво подржавме околу 100 лица од кои 66 се жени, а 34 мажи во износ од 462.751 евра од кои околу 300.000 се насочени за поддршка на жени претприемачи. Нашата цел за воспоставување на доверба и партнерски однос на општината со бизнис заедницата ја јакнеме и преку овие програми“, изјави Спичановиќ. Нивната цел за поддршка на мали и средни претпријатија ја базираат на три клучни елементи: финансиска поддршка, воспоставување на инфо точка за бизнис заедницата и примери на добри пракси.

Во согласност со агендата, претставниците од Лоби групата имаа можност директно да посетат некои од жените и да ги видат на лице место нивните бизниси. “ Вкус и традиција“ на Јелена Пејановиќ во туристичкото место Лимљани, Црмница е развиено како рурален туризам и изработка на домашни продукти и производи од нивното поднебје. Така, можеа да се вкусат сок од специјални рози кои ги растат и одгледуваат во градината позади куќата во автентична архитектура во која се уредени два апартмани и место за исхрана на гаости, сето уредно уредено во традиционален стил. Исто така послужија и црвено вино вранец од нивните винови лозја кои се наоѓаат во градината крај куќата, потоа домашни теста и слатка направени од рози, зелени патлиџани, шипки. Сите производи како што објасни Јелена ги произведуваат тие самите во фамилијата, односно на неа и помагаат сопругот и свекрвата, а има и две малолетни деца кои ги воведуваат во работата и во пречекот на гости кои доаѓаат низ цела година во нивните апартмани. Местото Лимљани е планинско и во близина на Скадарско Езеро, кое преку панорамска прошетка го обиколивме заедно со домаќините од Општина Бар.

На вториот ден од посетата учесниците од Лоби групата се запознаа и со Наташа Пламенац која заедно со своите три ќерки ја отворила и работи слаткарницата “Tre sorele” во Бар. Од вредните раце на Наташа вкусивме слатки и солени јадења од домашната и странска кујна, кои беа прекрасно аранжирани. Дека постои синергија помеѓу бизнисите кои ги поддржува општина Бар видовме во слаткарницата каде се продаваа домашните сокови од ружа, нане и калинка спакувани во промотивни пакети на мали шишенца.

Со цел запознавање и со останатите бизниси кои ги поддржуваа општината домаќините ја поканија делегацијата од Лоби групата да учествува на Саемот на претприемништво што беше организиран на 06 јули, 2021 на отворено во дворецот на кралот Никола каде претприемачите ги изложуваа и преставуваа нивните производите и продуктите на штандови. За време на саемот членовите на Лоби групата на ЗЕЛС, заедно со градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски кои се збратимени со Општина Бар имаа можност директно да разговараат со останатите корисници на програмата за претприемништво, како со претприемачите кои изработуваат домашни сапуни од маслинки и тревки, како и други козметички прозивди за релаксација и негување, сопственикот на бизнис за сликање на платно, производи од дрво од маслинка и други претприемачи кои изразија голема благодарност до општина Бар за поддршката на нивните идеи.

На крајот од посетата беше заклучено да се продолжи соработката помеѓу двете земји преку размена на документи и материјали кои се однесуваат на овие програми за интегрирање на родовата димензија во локалните програми, своите пракси од општината Битола, Македонска Каменица, Аеродром и другите учесници да ја споделат со Општина Бар, а понатаму соработката со нашите општините да прерасне во организирање на заеднички регионален настан- Форум на добри регионални пракси во кои ќе бидат поканети и други земји од регионот на теми од родовата еднаквост и родовото одговорно буџетирање.