Советниците од Општина Пробиштип со голем интерес и предзнаење за унапредување на родовата еднаквост во локалната заедницa

На покана на Општина Пробиштип, а во рамките на Програмата за еднакви можности на жените и мажите за 2022 година, претставнички од ЗЕЛС одржаа обука за советниците од општината на тема “„Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики“.

Целта на обуката беше запознавање на претставниците на Советот на Општина Пробиштип за концептот за родова еднаквост и нивна мотивација за делување во насока на унапредување на положбата на жените во сите сфери на општествениот живот.

На обуката присуствуваа сите членови на Советот на Општина Пробиштип, членовите на Комисијата за еднакви можности, како и координаторката од општината. Ирена Николов, советник за обуки и координатор за родова еднаквост во ЗЕЛС зборуваше за основните поими на род и пол, за постоење на родови стереотипи и родови улоги, како да се надминат родовите стереотипи и што може општината да направи согласно своите надлежности и законската рамка за унапредување на родовата еднаквост. Благородна Шопова, советник за обуки и одговорна за прашања од социјална политика зборуваше за постојните нееднаквости меѓу жените и мажите во различните сфери, согласно расположливите статистички податоци во земјата. Понатаму, преку вежби и дискусија советниците се запознаа со потребата за следење на состојбата со родовата еднаквост на локално ниво, преку користење на родово разделени податоци, а се со цел намалување на постоечките родови јазови. Учесниците се стекнаа со вештини за утврдување на состојбите со родовата еднаквост по надлежности во општината и со работа во групи дефинираа активности и мерки за надминување на нееднаквостите помеѓу жените и мажите и девојчињата и момчињата во општината.

Исто така беше истакната потребата од взаемна соработка меѓу Советот и Комисијата за еднакви можности со коодинаторот за еднакви можности на локално ниво со цел кооринирано делување во насока на развивање и усвојување на родово-сензитивни локални политики.

Општина Пробиштип е една од поактивните општините во земјата која континуирано работи на развивање на активности и програми низ родова перспектива.