Родовата перспектива како елемент во секоја од општинските програми води кон одговорни општински политики

ЗЕЛС во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со експертска поддршка на канцеларијата на UN Women во Скопје ја организираше втората регионална обука за претставниците од Вардарски, Источен, Југоисточен и Североисточен регион на тема “Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики“ од 17-19 октомври, 2023 година во х. Рамада, Гевгелија. Темата на обуката произлезе како барање на учесниците од минатогодишната обука за примена на демократските принципи во работата на општината преку формите на граѓанско учество. Претставниците од општините кои присуствуваа на минатогодишната обука ги продлабочија своите знаења за родовите поими и родови концепти, како да се препознаваат родовите елементи во локалните проблеми, како и како да се развиваат соодветни мерки и активности за решавање на истите. Низ презентации и вежби се зборуваше за важноста на родовата еднаквост и вклучувањето на родовата перспектива во општинските програми и буџет. Каква е состојбата со родова еднаквост на национално и светско ниво се утврдуваше преку статистичките податоци во одредени области, како образование, социјала, здравство, политичко учество, односно се спроведуваше вежбата родов барометар. Која е законската рамка за спроведување на родовата еднаквост, на кои меѓународни документи треба да се повикуваат при креирањето на локалните програми беше исто така опфатено на обуката, како и 5-те чекори за креирање на родовите политики, вклучително и алатките и методи кои им се на располагање на општините при развој на програми и планови. Преку вежбата студија на случај присутните на обуката работеа на анализа на програма со што стекнаа знаења за идентификување на целта на програмата и дали таа е родово сензитивна, кои индикатори треба да ги постават и како да се мери родовата перспектива при известувањето за реализираната програма. Од страна на ЗЕЛС им беше претставена и Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџет како алатка која е развиена за потребите на општините, а во соработка со UN Women во последната заедничка проектна активност. Беа претставени и другите алатки и активности на ЗЕЛС кои се фокусирани на остварување на родовата еднаквост и родовото одговорно буџетирање во единиците на локална самоуправа. Претставници од општини, споделија свои практики од развој и примена на мерки со родова перспектива, како што е организирање на фитнес активности на отворено за жени, пример на Општина Штип, а во соработка со локална граѓанска организација. Општина Берово претставуваше пример за поддршка на талентирани деца и како се подготвува буџетскиот циркулар каде е вклучена родовата компонента. Општина Струмица ги претставуваше примерите за отворање на Шелтер центар за жени жртви на насилство како резултат на партнерскиот однос со граѓанска организација и општествено одговорни компании, а Општина Велес информираше дека е во тек изработка на Стратегија за родова еднаквост со активно вклучување на граѓаните. Она што произлезе како заклучок од тридневната обука е дека родовата перспектива е и треба да биде дел од општинските документи за што е потребна и политичка поддршка, но и родова сензибилизација на останатите вработени во општините, како и на советниците.