Потребно е интегрирање на родовата перспектива во сите локални програми како и примена на родово одговорно буџетирање

За претставници од администрацијата од општините од Скопскиот, Пелагонискиот, Полошкиот и Југозападниот регион, кои работат на развивање на општинските програми и стратегии беше обезбедена обука на тема- “Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики“. Обуката беше организирана во Маврово, во периодот од 2 до 4 октомври, 2023 година и претставува  дел од повеќето обуки посветени на промовирање на принципите на демократското управување на локално ниво. Оваа активност веќе неколку години ја реализира ЗЕЛС во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Обуката беше организира со експертска поддршка на Канцеларијата на UN Women во Скопје.

Со цел учесниците подобро да осознаат кога и дали одредена политика е или не е родово сензитивна беа реализирани практични вежби низ кои учесниците користејќи соодветна методологија за родово интегрирање учеа како да постават родови индикатори за да се овозможи родова еднаквост во општинските активности. Тие осознаа дека родовата еднаквост треба и може да биде интегрирана во сите локални надлежности, односно вградена во политиките на сите општински програми. Присутните дискутираа и за важноста од обезбедувањето на родовите статистички податоци на локално и на национално ниво во различни сегменти (пазарот на трудот, образование, здравство и други) и нивното огромно значење во креирањето на локалните политики.  Беа презентирани и јавните политики со кои се уредува родовата еднаквост, потоа кои се 5-те чекори за креирање на родовите политики и со кои алатки и методи се работи на развој на програми и планови во кои е вклучена родовата перспектива. Преку вежбата „студија на случај“ присутните работеа на анализа на програма, ги идентификуваа  целите на програмата, особено во делот на родовата сензитивност, индикаторите што треба да ги постават, како и начинот на мерење на родовата перспектива при известувањето за реализацијата на програмите.

Пред присутните, претставничката од ЗЕЛС говореше за „Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџет“ што претставува важна алатка за потребите на општините. Беа презентирани добри практики од неколку општини. Претставници од Општина Кисела Вода, кои беа присутни на минатогодишните обуки за демократско управување, говореа за вклучувањето на граѓаните преку алатката „форуми во заедницата“ при креирањето на  општинската стратегија за родова еднаквост. Изработката на стратегијата е во тек и се реализира со поддршка на менторската програма на UN Women. Од Град Скопје говореа за начинот на градење на партнерски односи со граѓанскиот сектор при развој и реализирање на програми од социјала заштита. Општина Битола има долгогодишно позитивно искуство на вклучување на родовата перспектива во општинските програми за социјална заштита, образование, спорт уште во  фазата на аплицирање на повици за граѓански организации или други правни лица за одредени програми. Општина Ѓорче Петров обезбедува собирање на статистички податоци што се појдовна основа за анализа на  креирањето на програмите.

На крајот на обуката присутните се согласија дека родовата сензитивност треба да биде интегрирана при градењето на локалните политики во сите развојни програми . Особено  ја посочија исклучителната важност за обезбедувањето на соодветни финансиски средства во програмскиот буџет (преку алатката за родово одговорно буџетирање) за да може да се спроведат активностите чии ефекти треба да обезбедат родова еднаквост на локално ниво.