“Застапување за еднаквост на жените и мажите: Промовирање на родовите аспекти во работата на единиците на локална самоуправа во Република Северна Македонија“ беше темата на работилницата што се одржа на 29 мај, 2023 година, во Скопје, во организација на ЗЕЛС и Мисијата на ОБСЕ во нашата земја. Членовите на Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС, претставниците од комисиите за еднаквост меѓу мажите и жените од општините и нивните координатори имаа можност да се запознаат со новите надополнувања на Европската повелба за рамноправност на мажите и жените во локалната власт, со алатките и методологии за јакнење на родовите аспекти во работата на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС), како и да слушнат добри практики за спроведување на родови вредности, применети во европските градови и општини.
Пред присутните се обрати извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ која говореше за улогата на ЗЕЛС во заложбите за прифаќањето на Европската повелба во општините во нашата земја, како и за континуираната поддршка што ЗЕЛС им ја дава на комисиите за родова еднаквост и на членовите од општинската администрација за креирање на родови политики и нивно имплементирање. Таа ја нагласи улогата на Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС, составена од градоначалнички и градоначалници, советнички и советници од општините, кои градат политики за унапредување на родовата еднаквост на локално ниво и лобираат за што поголема легална препознатливост на ова право и негова ефективна примена во сите сфери од животот: политичка, социјална, економска, културна и други. Освен Лоби групата, која е единствен пример во регионот и пошироко, како втора уникатна добра практика воспоставена од ЗЕЛС беше нагласена и електронската Платформа за родова одговорно буџетирање https://rob.zels.org.mk/ на која се пласираат сите материјали, документи од оваа област и добри практики од општините, а беше посочено и дека 23 општини од нашата земја се потписнички на Европската повелба.
Нов формат на Европската повелба за еднаквост на мажите и жените збогатен со нови девет членови
Одржлив развој за одржлива иднина ; Сајбер насилство; Насилство против избрани и именувани жени и персонал; Интерсекционалност и диверзитет; Флексибилност на работното место; Дигитализација и дигитална инклузија; Сексуално и право на репродуктивно здравје; Климатски промени и право на здрава околина и Управување со кризи и граѓанска подготвеност, се новите девет членови со кои од оваа година е надополнета Европската повелба за еднаквост меѓу мажите и жените. Во Советот на европски општини и региони, креаторот на Повелбата, пред повеќе од четири години е забележана потребата за опфаќање на новите општествени ,,подрачја“ каде е потребно преземање на активности од родов аспект. Претставничката од Советот, Џејми Џаст, пред присутните говореше за причините за воведување на деветте нови области во Повелбата, но и за активностите во насока на обезбедување на зајакнато родово учество преку интервенции на ЕУ, поддршка на жените, женските здруженија и друго, како и вклучувањето на родовите аспекти во креирање на политики и буџетирање на локално ниво. Таа посочи дека во период од 19 години од донесувањето на Повелбата има 2000 потписнички во 36 европски земји, но дека бројот на донесување на акциски планови за нејзино спроведување не е на задоволително ниво. Во таа насока во следниот период фокусот ќе биде ставен на посеопфатен мониторинг, анализи и обезбедување на статистички податоци за резултатите од примената на Повелбата. Како придобивки на општините од потпишување на Повелбата беа изнесени: ставање на родовата еднаквост на политичката агенда на секоја локална власт; структурирање на активностите поврзани со родова еднаквост во општината и спроведување на други рамки и правни обврски; правење позитивни промени во општината, подобрување на животот на граѓаните; ефикасно управување и распоредување на ресурсите; промена на ставови ; станување дел од европска мрежа на општини кои посветено работат на родовата еднаквост. Меѓу изнесените добри практики од европски градови и општини беа изнесени: флексибилни дизајни на станбен простор, планирање на различни животни фази како и примената на 4Р методот во библиотеките во Виена; потоа инкорпорирањето на активности од ,,сајбер насилството“ во Акцискиот план за родова еднаквост за 2024 година на Минхен; обновување на видот на играчките во детските градинки во Лондон, каде се воведуваат кукли кои карактеризираат повеќе раси, кукли кои отсликуваат одредена физичка попреченост, како и кукли каде не се присутни стереотипи во женско –машките професии и слично .
Поголема децентрализација – еден од начините на институционализација на одредени услуги во насока на обезбедување на поголема родова рамноправност
Претставниците од локалната власт од нашата земја изнесоа низа свои добри практики за поддршка на родовата еднаквост. Тие посочија дека со поддршка на ЗЕЛС се јакнат капацитетите на општинската администрација и на советниците во насока на подигање на свеста за потребата од обезбедување на родови статистики кои експлицитно покажуваат каде постојат одредени родови нееднаквости и каде е потребна соодветна интервенција. Обезбедените родови статистички податоци придонесуваат за креирање на соодветни локални политики од родов аспект во секој сегмент од општественото живеење, но укажуваат и на потребата за финансиска поддршка што локалната власт би требало да ја обезбеди за нивно надминување. Беше нагласено дека голем дел од преземените активности немаат континуитет, од причина што за дел од нив општината нема надлежност, но пред се поради недостаток на финансиски средства за нивно одржување или поради промена на политичката гарнитура во општината. Според анализите најизразена е потребата за услуги од родов аспект во делот на : семејно насилство; женско здравје, женско претприемништво и слично. Во таа насока беше посочено дека само со обезбедување на поголема финансиска независност на општините и продлабочување на децентрализација на власта ќе се обезбеди и квалитетна институционализација на ваквите услуги. Присутните ги посочија и несогласувањата со одредени одредби утврдени во Предлог на Законот за родова еднаквост што е во процес на јавно дебатирање.