„Како до родово разделени статистички податоци?“- обука за општинските координатори за еднакви можности меѓу мажите и жените

Статистиката е општо добро што им служи на сите и секој може да ги користи добиените статистички податоци. А податоците претставуваат значајна основа за современо одлучување и управување на сите нивоа, служат за анализа на тековните состојби и овозможуваат идни микро и макро  планирања на развојот на земјата во сите сфери. Со цел да се заштитиме од погрешни и манипулативни податоци, да се избегнат недоразбирањата, да може да се донесуваат правилни одлуки, да се заштити институцијата од недоверба и дискредитирање, потребно е лицата кои ги користат статистичките податоци да имаат познавања како најправилно да го сторат тоа, односно да се статистички описменети.

Всушност тоа беше и целта на еднодневната обука -„Како до родово разделени податоци?“  што ја организираше ЗЕЛС на 26 мај, 2022 година, во ЗЕЛС тренинг центарот, во соработка со Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија. Обуката беше наменета за потребите на општинските координатори за еднакви можности во насока на надградување на општинските капацитети за соодветно користење на базите на податоци на ДЗС во делот на родовата статистика, за обезбедување на релевантни анализи и истражувања кои ќе придонесат во креирањето на адекватни одлуки, планови и програми за обезбедување на еднаквост меѓу мажите и жените на локално ниво.

Примената на статистичка методологија од огромно знаење за релевантноста на податоците

Претставниците од ДЗС ги запознаа присутните со активностите на нивната институција и со областите на статистичките истражувања (демографски и социјални статистики, економски, секторски: земјоделство, енергетика, транспорт, животна средина и други) како и со значењето на статистиката и статистичките податоци. Посебен акцент беше ставен на начинот на спроведувањето на статистичкото истражување, на методите за прибирање на податоците како и на огромното значење на примената на статистичката методологија. Методологијата е рамка во која се дефинираат сите важни аспекти од истражувањето: целта и значењето на истражувањето, содржината, правниот основ на истражувањето, единици на опфат,  изборот на примерок, време, начин, техника на прибирањето на податоците, заштита на податоци, обработка на податоците, публикување и друго. Доколку не се примени адекватна методологија во истражувањето, може да се доведе под знак прашалник релевантноста на добиените податоци.

ДЗС упати отворена покана до општините за отвореност за давање на консултации при подготовката на општински истражувања за собирање на соодветни податоци

Претставниците од ДЗС  упатија апел до сите единици на локална самоуправа  дека се отворени за соработка доколку општината сака да спроведе истражување за обезбедување на одредени податоци. Односно дека ќе им обезбедат бесплатни консултации во делот на поставувањето на прашалникот и за утврдувањето на методологијата на истражувањето со цел да се добијат квалитетни и релевантни податоци. Исто така, тие посочија доколку за истражувањето општината ангажира експерти или други консултантски институции, задолжително од нив да побара потврда издадена од ДЗС во која ќе биде наведено дека во истражувањето ќе се користи соодветна методологија одобрена од Заводот за статистика. На тој начин  општината ќе се стекне со едно издржано  истражување, а истовремено податоците ќе можат да се сметаат да релевантни и да се користат и од други институции при натамошна обработка.

Неопходна соработка на институциите  при собирањето и дисеминацијата на податоците 

Беше нагласено дека во нашата земја постојат многу паралелни системи на прибирање на податоци, што претставува нецелисходно трошење на енергија и финансиски ресурси и  дека затоа е потребна  поинтензивна и конструктивна меѓусебна соработка на националните и локални институции во однос на собирањето и дисеминацијата на статистичките податоци. А соработката со ДЗС  е од клучно значење за обезбедување на употребливи податоци кои ќе им бидат од полза на сите граѓани и на државата.

Приоритет на ДЗС е обезбедување на што поголемо користење на статистичките податоци

Во однос на значењето на статистичката писменост (СП) беа изнесени повеќе дефиниции меѓу кои дека СП е способност да се разберат и критички да се вреднуваат статистичките резултати што влијаат на нашите секојдневни животи. Исто така, беше посочено дека СП опфаќа разбирање и користење на основниот јазик и алатки на статистиката: знаење на основните статистички термини, разбирање на едноставните статистички симболи и способност за интерпретирање на различно претставените податоци. Во тој контекст експертите од ДЗС нагласија дека при  пребарувањето на базите на статистички податоци, од непроценлива важност е корисниците да посветат внимание и време и да ги читаат сите дадени појаснувања во системот  и добро да се запознаат со значењето на дадени симболи.

Обезбедени се отворени бази на статистички податоци, функционални за користење и едноставни за работа  

Беше изнесено дека еден од приоритетите што си ги поставил ДЗС не е само  собирањето на податоците, туку се повеќе тие се насочуваат да обезбедат нивно што поинтензивно и помасовно користење. Во таа насока, вниманието го насочуваат и кон обезбедување на зголемување на степенот на статистичката писменост кај корисниците на базите на податоци на Заводот, особено на корисниците од државните и јавните институции. Затоа тие посочија дека имаат обезбедено функционални бази на податоци кои се отворени за пристап на секого, и кои се  едноставни за работа. Корисникот може сам да ги обработува податоците, да си прави пресметки што се од важност за неговите потреби, да добива информации во вид на графикони, excel табели, збирни податоци, може податоците да ги преземе на својот компјутер, и да обезбеди нивно континуирано ажурирање. Беше посочено дека вакви можности дава особено МакСтат базата на податоци, која е едноставна за  работа на корисниците , а располага со околу 3.000 табели и  250 колони. При тоа беше нагласено дека корисникот  доколку ги употреби податоците во истражување или некоја евиденција задолжително треба да го нагласи изворот од каде се преземени, односно  да  евидентира дека тоа се податоци преземени од Државниот завод за статистика на РСМ. Сите овие објаснувања од страна на претставниците на ДЗС беа пропратени во континуитет со директно презентирање на примери од областа на родовата еднаквост со што присутните понепосредно се запознаа со можностите за користење на овие статистичките бази на податоци. Обуката беше одлично прифатена од страна на присутните кои  побараа и дополнителна продлабочена ваква обука, а истовремено предложија истата да им биде презентирана и на нивните колеги во општините, од одделенијата за локален економски развој.

Улогата на ЗЕЛС во унапредувањето на родовата еднаквост во општините претставена пред советници од Комисиите за еднакви можности

Од 5-7 мај, 2022 година во организација на Институтот за национална демократија-НДИ во Скопје се организираше обука за 70-тина советници од Комисиите за еднакви можности од 20 општини на тема: Зајакнување на Комисиите за еднакви можности- Законска рамка, прави и обврски на комисиите од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените, каде свое претставување имаше и ЗЕЛС.

Во поздравните обраќања, претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска подвлече дека секоја активности која е во насока на подобрување на еднаквите можности како што е и активноста на НДИ, треба да биде позитивен инпут во создавањето на еднакви можности за сите граѓани. “Секоја услуга која ја обезбедуваат општините треба да се гледа низ призмата на тоа дали е еднакво достапна и потребна за жените и мажите“, истакна претседателката Арсовска.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа е силен национален партнер во областа на родовата еднаквост и многу е значајно што сите заложби се препознаени од меѓународните партнерски организации и од локалните самоуправи, како и од општинските совети. Сите тие ЗЕЛС го препознаваат како партнер во нивните заложби и активности, беа дел од пораките во воведниот дел како покрај претседателката на ЗЕЛС се обрати и амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон и Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на Националниот демократски институт- НДИ.

Во вториот ден од обуката на тема:Национални стратешки документи и правна рамка за единиците на локалната самоуправа и улогата на ЗЕЛС во интегрирањето на родовата еднаквост во локалните политики и буџет, координаторката за родова еднаквост во ЗЕЛС, Ирена Николов зборуваше за обврските и одворностите на советниците кои произлегуваат од Законот за локална самоуправа и другите посебни закони со кои се уредуваат надлежностите во општините. Преку свои примери се вклучија и советниците кои зборуваа за нивните досегашни искуства во однос на организирање на седниците на советот, работатата на Комисијата за еднакви можности, нејзиното значење и обврски во однос на унапредвувањето на еднаквните можности во општините. Понатаму, со презентација и примери од општините беа претставени и други Комисии кои работат во рамките на советот и беше укажано на можноста од вклучување на надоворешни членови( експерти) од одредени области во работата на овие тела на советот на општината.

Понатаму, беа истаканти сите алатки и механизми кои ги има креирано и поставено ЗЕЛС за потребите на општините, а во насока на унапредување на родовата еднаквост. Тоа се е-платформата за родова еднаквост која претставува ресурсен дигитален центар на општини, стратешките документи на ЗЕЛС со кои се потврдува определбата за подобрување на положбата на општините во областа на родова еднаквост, се подвлече за значењето на Лоби групата за родова еднаквост во делот на лобирање пред националните и меѓунаордни инситутции, се зборуваше и за Работната група за родова еднаквост на ЗЕЛС и други алатки и механизми кои им се располагање на општините. Исто така беше нагласена и потребата од усвојување на Европската повелба за родова еднаквост како демократска вредност од страна на општините, а чиј промотор е ЗЕЛС, со што ќе се потврдат заложбите на локалните власти за вклучување на родовата перспектива во сите аспекти на животот на жителите и жителките во општините.

Во останатите сесии од обуката беа обработени теми кои се однесуваат на Национални стратешки документи и правна рамка за постигнување родова еднаквост на локално ниво, Добро владеење, постигнување консензус, принципи на инклузивност и транспарентност, антикорупција и Како да ја исполниме нашата функција? Како да одговориме подобро на потребите на граѓаните?.

Обуката имаше за цел и градење врски помеѓу членките и членките во рамките на КЕМ на општинско ниво, но и вмрежување со колегите од другите општини.

Предлози од општинските советници за предизвиците во областа на урбанистичкото планирање

На 29 јуни, 2021 година, во организација на ЗЕЛС и УНДП во х. Хилтон, Скопје се одржа работен состанок на Тематската работна група за урбанизам и просторно планирање, формирана во рамките на проектот “Зајакнување на општинските совети“, што го спроведува УНДП заедно со ЗЕЛС и Здружение на финансиски работници, а со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка-СДЦ.

На состанокот на кој присуствуваа околу 20-тина претседатели/ки на совети и претседатели/ки на Комисиите за урбанизам и просторно планирање кои се членови на оваа тематска работна група за урбанизам и просторно планирање главен акцент беше ставен на следниве теми: презентација на концептот и важноста на јавниот простор и бесправните објекти и предизвици на локалната самоуправа и предлог законот за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти, кој го модерираше експертката од областа на урбанизмот, Даница Павловска. На работилницата беше потенцирана улогата на локалната самоуправа во исполнување на основните услови за концепти на јавниот простор, а повеќе дискусија кај учесниците предизвика втората точка која се однесува на статусот на бесправно изградените објекти на територија на општините.

Најмногу забелешки и предизвици генерално кај општините е забележано во немањето детални урбанистички планови со кои би се уредувал статусот на бесправно изградените објекти, дефицитот на стручни лица (градежни инженери) во дел од општините, недоволниот и неефикасен инспекциски надзор во општините, неусогласеноста на законите и законските прописи и дилемата за отпочнатите постапки за легализација за кои не важи веќе стариот закон и други дилеми.

Во таа насока, по исцрпување на прашањата за дискусија беа донесени следниве препораки:

Во Комисијата за увид на бесправниот објект, предвиден со Законот за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти, да има претставник од општината;

Новите законски прописи да се однесуваат само на одередена социјална категорија на сопственици на бесправни објекти;

Секој случај на бесправен објект поединечно да се третира за да се избегне секаква можна злоупотреба;

Да се зајакне механизмот на контроли испречување на градење на бесправни објекти;

Да се стимулира воспоставување на комунални редари;

Информирање на јавноста и поинтензивни кампањи за подигнување на свеста кај граѓаните;

Поголеми надлежности на локалните самоуправи во подготвување на детални и генерални урбанистички планови (ДУП и ГУП);

Финансиска стимулација на стручните лица во општината од урбанистичката област;

Поголема поддршка на општините и лобирање од страна на ЗЕЛС при носење на важни одлуки од централната власт кои директно влијаат на работата на локалните самоуправи.

Тематската работна група за урбанизам и просторно планирање е дел од седумте тематски групи на општинските советници формирани во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Со поддршка на женското претприемништво до подобар локален економски развој во Општина Бар

Од 04 до 07 јули, 2021 претставници од Лоби групата на ЗЕЛС за родова еднаквост составена од градоначалнички и претседателки на совети во општините учествуваа на регионална посета на Општина Бар, Црна Гора за размена на добри пракси. Активноста е дел од проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на капацитетите на општините за интегрирање на родовиот аспект во локалните политики и буџет“ 2019-2021 што ЗЕЛС го спроведува со поддршка на канцеларијата на UN Women во Скопје.

Регионалната размена на искуства на добри пракси беше на тема “Поддршка на женско претприемништво“што Општина Бар во Црна Гора го има институционализирано преку годишна Програма за претприемништво со износ од 100.000 евра и специфична Програма за женско претприемништво во износ од 35.000 евра кои ги спроведуваат низ фискалните 2020 и 2021 година. Градоначалникот на Општина Бар Душан Раичевиќ на приемот на нашата делегација од Лоби групата зборуваше дека родовиот аспект е многу значаен при креирањето на политиките и буџетот во општината, со посебен акцент на развојот на претприемништвото и поддршка на малите и средни бизнис во општината, што особено беше важно за време на Ковид-19 кризата. “Ние сме фокусирани на јакнење на врската со локалното претприемништво и се трудиме да ги следиме нивните потреби и желби согласно надлежноста на Општина Бар која е влезена и во регионалната Програма BFC-SEE за сертификација на општина за поволно деловно опкружување. Во таа насока е и оваа Програма за женско претприемништво што беше развиена на иницијатива на Женската политичка алијанса на Црна Гора од страна на мојот тим. Целта е да ги промовираме и поддржуваме жените бизнисменки кои се и најголеми корисници од програмите за поддршка на претприемништво“, изјави градоначалникот Раичевиќ. Според него, тие програми придонеле многу за одржување на малите и средни претпријатија во Општина Бар за време на кризата со Ковид-19 и дека како мерки се покажале многу корисни за жените претприемачки, како едни од најпогодените од оваа криза. Целта на Општина Бар за партнерство и креирање на нови работни места во согласност со потребите на бизнис заедницата ќе биде нивна водилка и понатаму, со посебен акцент на женското претприемништво како една од најголемите групи на корисници од овие програми.

Дека 66% од жените од Општина Бар се корисници од двете програми, како и за начинот на апликација и критериумите за избор на бизнисите кои ги поддржуваат од општината зборуваше Тања Спичановиќ, потпретседателка на Општина Бар која е одговорна за овие програми и локалниот економски развој. “ Во фискалните 2020 и 2021 година преку програмите за поддршка на претприемништво и женско претприемништво подржавме околу 100 лица од кои 66 се жени, а 34 мажи во износ од 462.751 евра од кои околу 300.000 се насочени за поддршка на жени претприемачи. Нашата цел за воспоставување на доверба и партнерски однос на општината со бизнис заедницата ја јакнеме и преку овие програми“, изјави Спичановиќ. Нивната цел за поддршка на мали и средни претпријатија ја базираат на три клучни елементи: финансиска поддршка, воспоставување на инфо точка за бизнис заедницата и примери на добри пракси.

Во согласност со агендата, претставниците од Лоби групата имаа можност директно да посетат некои од жените и да ги видат на лице место нивните бизниси. “ Вкус и традиција“ на Јелена Пејановиќ во туристичкото место Лимљани, Црмница е развиено како рурален туризам и изработка на домашни продукти и производи од нивното поднебје. Така, можеа да се вкусат сок од специјални рози кои ги растат и одгледуваат во градината позади куќата во автентична архитектура во која се уредени два апартмани и место за исхрана на гаости, сето уредно уредено во традиционален стил. Исто така послужија и црвено вино вранец од нивните винови лозја кои се наоѓаат во градината крај куќата, потоа домашни теста и слатка направени од рози, зелени патлиџани, шипки. Сите производи како што објасни Јелена ги произведуваат тие самите во фамилијата, односно на неа и помагаат сопругот и свекрвата, а има и две малолетни деца кои ги воведуваат во работата и во пречекот на гости кои доаѓаат низ цела година во нивните апартмани. Местото Лимљани е планинско и во близина на Скадарско Езеро, кое преку панорамска прошетка го обиколивме заедно со домаќините од Општина Бар.

На вториот ден од посетата учесниците од Лоби групата се запознаа и со Наташа Пламенац која заедно со своите три ќерки ја отворила и работи слаткарницата “Tre sorele” во Бар. Од вредните раце на Наташа вкусивме слатки и солени јадења од домашната и странска кујна, кои беа прекрасно аранжирани. Дека постои синергија помеѓу бизнисите кои ги поддржува општина Бар видовме во слаткарницата каде се продаваа домашните сокови од ружа, нане и калинка спакувани во промотивни пакети на мали шишенца.

Со цел запознавање и со останатите бизниси кои ги поддржуваа општината домаќините ја поканија делегацијата од Лоби групата да учествува на Саемот на претприемништво што беше организиран на 06 јули, 2021 на отворено во дворецот на кралот Никола каде претприемачите ги изложуваа и преставуваа нивните производите и продуктите на штандови. За време на саемот членовите на Лоби групата на ЗЕЛС, заедно со градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски кои се збратимени со Општина Бар имаа можност директно да разговараат со останатите корисници на програмата за претприемништво, како со претприемачите кои изработуваат домашни сапуни од маслинки и тревки, како и други козметички прозивди за релаксација и негување, сопственикот на бизнис за сликање на платно, производи од дрво од маслинка и други претприемачи кои изразија голема благодарност до општина Бар за поддршката на нивните идеи.

На крајот од посетата беше заклучено да се продолжи соработката помеѓу двете земји преку размена на документи и материјали кои се однесуваат на овие програми за интегрирање на родовата димензија во локалните програми, своите пракси од општината Битола, Македонска Каменица, Аеродром и другите учесници да ја споделат со Општина Бар, а понатаму соработката со нашите општините да прерасне во организирање на заеднички регионален настан- Форум на добри регионални пракси во кои ќе бидат поканети и други земји од регионот на теми од родовата еднаквост и родовото одговорно буџетирање.

Локализација на Националниот акционен план (НАП) за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност

“Локализација на Националниот акционен план (НАП) за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност“ беше темата на обуката што на 7 и на 8 јуни, 2021 година, ја организираше ЗЕЛС за претставниците од општините. Беа поканети: координаторот или координаторката за родова еднаквост; лице одговорно за управување со кризи, како и лице одговорно за социјални заштита/соработка со невладини организации од општината. Обуката беше реализирана во рамките на проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за политики за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање“(2019-2021), што ЗЕЛС го спроведува со поддршка на UN Women, а се одвиваше во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, каде беа обезбедени сите протоколарни мерки поврзани со превенција од корона вирусот.

Нашата земја, минатата година донесе втор Национален акционен план за имплементирање на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност (2020 -2025) стратегиска рамка. Дел од имплементацијата на овој план подразбира и спроведување на активности на локално ниво. Во таа насока присутните на обуката првенствено се запознаа со содржината на оваа Резолуција и на деветте последователно донесени резолуции од оваа област; се запознаа со суштината на нејзините главни столбови; со процесот на донесување на вториот Национален акционен план за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност. Од особена важност за присутните беше делот посветен на утврдувањето на карактеристичните предизвици на секоја локална власт во насока на натамошно креирање на локални политики и документи за имплементирање на активностите од НАП за ефективна имплементација на Резолуцијата 1325„Жените, мирот и безбедноста.

Резолуција 1325 „Жените, мирот и безбедноста“

Резолуција 1325 „Жените, мирот и безбедноста“ е усвоена од Советот за безбедност на ОН на 31.10.2000 год. Со неа се истакнува важноста на рамноправното учество на жените во спречувањето на конфликтите, решавањето на конфликтите и во градењето одржлив мир ( https://www.usip.org/gender_peacebuilding/about_UNSCR_1325). Резолуцијата 1325 адресира две суштински прашања: несоодветното влијание на вооружените конфликти и војните врз жените и девојчињата, како и улогата што треба да ја имаат жените во спречувањето на конфликтите и градењето на мирот.

Резолуцијата се темели на четири главни столба. Со првиот столб се повикуваат државите да го зголемат учество на жените на сите нивоа на донесување одлуки,во самите институции: при спречување, управување и решавање на конфликти ;во мировни преговори, во мировни операции, како војници, полицајци и цивили. Во вториот столб заложбата е да се обезбеди заштита на жените и девојките од сексуално и родово базирано насилство, вклучително и во итни и хуманитарни ситуации, како што се бегалски кампови. Во третиот столб Резолуцијата повикува да се подобрат стратегиите за интервенција во спречувањето на насилството врз жените, вклучително и со гонење на одговорните за кршење на меѓународното право; зајакнување на правата на жените според националното законодавство; и поддршка на локалните мировни иницијативи на жените и процесите на решавање на конфликти. А, со последниот столб се повикува на унапредување на мерките за олеснување и закрепнување за решавање на меѓународните кризи преку вклучување на родовата перспектива, вклучително и со почитување на цивилната и хуманитарната природа на бегалските кампови и разгледување на потребите на жените и девојките во дизајнирањето на бегалските кампови и населби. Дел од клучните заложби се и интеграција на родовите перспективи во сите мисии преземени од страна на Советот за безбедност и обезбедување на родова перспектива и обука во операциите за поддршка на мирот на ООН.

Како ефективно да се имплементира Резолуција 1325 на локално ниво

На обуката особено внимание беше посветено на поддршката на претставниците од локалната власт при фокусирањето на предизвици од оваа област во насока на натамошно креирање на локални политики и документи за имплементирање на активностите од НАП за ефективна имплементација на Резолуцијата 1325„Жените, мирот и безбедноста“. Беше посочено на потребата од развивање на политики и преземање на конкретни активности за обезбедување на поголемо вклучување на жените во процесите на донесување одлуки на сите нивоа за прашања поврзани со безбедноста на локално ниво (локални совети за превенција, кризни штабови); истакнување на потребата за спроведување на родово – сензитивни обуки за претставници на локалната самоуправа, но и за претставниците на воспоставените локални механизми; идентификување на безбедносни ризици на локално ниво, анализа на нивното влијание врз жените, како и улогата на жените во насока на спречување на истите (етнички конфликти; присуство на нелегално оружје;насилен екстремизам и тероризам). Исто така, беше нагласена и потребата за прецизно идентификување на проблемите (доколку се утврди дека постојат) поврзани со безбедноста на жените на локално ниво (насилство врз жени и семејно насилство; насилство врз жени и девојки во јавниот простор;- трговија со луѓе). Потоа, идентификување на ризици од природни непогоди, пандемија од Ковид – 19 итн.; предвидување на мерки на локално ниво со цел примена на Резолуцијата 1325 и обезбедување на буџетски средства; воспоставување на јасни цели, индикатори и временска рамка; развој и имплементација на локални акциски планови и друго.

На обуката беше поканета и претставничка од Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, член на Работната група за изработка на НАП која, меѓу другото изнесе и конкретни примери на заложби што ова министерство ги реализира во насока на ефективно имплементирање на оваа резолуција на ОН и обезбедувањето на поголема вклученост на жените во редовите на ова министерство.

Од дискусијата произлегоа и одредени препораки во насока на ефикасно спроведување на Резолуцијата 1325. Беше посочена потребата за спроведување на широка национална кампања за промоција на Националниот акционен план ( НАП ) и можност за учество во креирање на локалните планови за спроведување на Резолуцијата. Подобрување на механизмите за мониторинг и евалвација на нејзиното спроведување; преглед на акционите планови преку годишни состаноци; обезбедување на механизам за координација и комуникација во рамките на Меѓуминистерската работна група за имплементација. Исто така беше посочено и на потребата од дополнително унапредување и промовирање на жените во рамките на институциите; спроведување на родова анализа и собирање на податоци расчленети по пол од страна на државни и локални институции ; зголемување на пристапот на податоци и анализи, подобрување на прашања поврзани со мирот и безбедноста и друго.

Поголема сензибилизација за родовите прашања по хоризонтала за унапредени родови политики и буџет во општините

На тема “Родовите концепти и родовото одговорно буџетирање“ ЗЕЛС организираше еднодневна онлајн обука за секретари, вработени во сектор/одделение за финансии и ПР советници од сите општини, а во рамките на проектот “Кон родово одговорни општини:зајакнување на општинските капацитети за родови политики и родово одговорен буџет“, со поддршка на UN Women, Скопје. Обуката е во рамките на ЗЕЛС Тренинг планот со цел поголема сензибилизација на вработените по хоризонтала за родовите прашања и родовото одговорно буџетирање како алатка која придонесува за утврдување на потребите на жените и мажите и алоцирање на финансии согласно направени анализи за потребите на граѓаните.

Мемет Мемети, експерт и обучувач за родова еднаквост ја претстави правната рамка по која се регулираат родовите прашања и потреби на национално и локално ниво, каква е состојбата во општините и кои алатки може да се користат за унапредување на родовата еднаквост во општините, како и надминување на предизвиците со кои се соочуваат,најчесто координаторите за еднакви можности во општините. Преку родовото дрво кое претставува сликовит приказ на состојбата со родовата еднаквост во општината од аспект на лоцирање на главниот проблем, а со тоа и причините и последиците тој го претстави начинот на кој треба да се работи во општините при креирањето на програмите и мерките во општините. Во таа насока говореше за потребата од правилно развивање на програмите и инкорпорирање на родовит аспект во нив преку претходна анализа на потребите на жените и мажите, потоа со поставување на индикатори за постигнување на поставените резултати, како и за правилно мерење на посакуваните резултатите од применетите мерки кои се внесени во општинските програми и за кои се алоцирани средства во буџетот. Во интерактивна сесија претставниците од општините преставија примери од планирањето на програмите и потребата од соработка со повеќе лица по хоризонтала во општините со цел прибирање на потребните податоци и со тоа соодветно планирање на активности и мерки.

Во вториот дел од обуката експертката Кристина Хаџи-Василева се осврна на состојбите со родовата еднаквост во општините за време на пандемијата со Ковид-19 која откри уште поголемо продлабочување на родовиот јаз во општеството. Таа ги претстави општите резултати од истражувањето направено од страна на експерти и тим на UN Women кои се однесуваат на влијанието на Ковид-19 врз начинот на работа и потребата од адаптација, потоа за мерките кои ги имаат преземено општините за намалување на влијанието од пандемијата за граѓаните, потоа на што е потрошен буџетот и колку е родово одговорен кон преземените мерки и други резултати од истражување кои водат до заклучок дека мерки и адаптации се потребни со цел правилна распределба на средствата и на трудот со цел полесно справување со пандемијата. Општините споделија свои пракси кои се однесуваат на справувањето со пандемијата, но и мерки и активности кои ги планираат за следниов период за своите граѓани од неколку категории и со различен статус, но со посебен фокус на најранливите групи. На крај, преку квиз учесниците осознаа повеќе за тоа што е родово одговорен буџет, како се планира, кои ресурси се потребни и примери како тоа може да се прави. На обуката присуствуваа околу 30 претставници од општините од секретар, кабинетски службеници, финансии, односи со јавноста и координатори за еднакви можности со надеж за продолжување на јакнење на капацитети на оваа тема и со физичко присуство во организација на ЗЕЛС.

Обука за администраторите и корисници на е-платформата www.rob.zels.org.mk

Во организација на ЗЕЛС на 24 март, 2021 година се одржа онлајн обука преку ZOOM платформата за корисниците од општините од ИТ секторот за користење на алатките од електронската платформа www.rob.zels.org.mk. Оваа активност е во рамките на проектот “ Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за политики за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање “ (2019-2021) и се однесува на презентирање на новитетите, односно доградбата со нови алатки кои треба да придонесат кон презентирање на родово разделени податоци од општините на едно место.

Обуката се спроведе од страна на претставничка од ИТ компанијата ангажирана за надградба и подобра функционалност на платформата за родово одговорно буџетирање која креираше и корисничко упатство за сите функционалности и за опфатените корисници на платформата.

Платформата содржи неколку подстрани како: вести, огласи, галерија, мапа, дигитална библиотека и статистика при што за секоја од нив беше визуелно презентиран начинот на пристапување и работа од страна на корисниците. Посебен фокус беше ставен на делот статистика што е новитет и кој треба да помогне на општините да ги презентираат родовите статистики од своите општини по категории, согласно општинските надлежности.

Во следниот период корисничкото упатство ќе биде дополнето со освежени информации во однос на промените кои се во тек на е-платформа и истото ќе биде споделено со сите општини.